Џеј Зи, чие вистинско име е Шон Кори Картер, се огласи по обвинувањето за силување на 13-годишно девојче во 2000 година. Порача дека неговиот семеен живот е најважен и дека тој и неговата сопруга Бијонсе ќе треба да седнат со децата и да се обидат да им ја објаснат ситуацијата.
„Овие лажни и одвратни обвинувања најмногу ќе го погодат моето семејство. Мојата сопруга и јас ќе мораме да седнеме со нашите деца и да им објасниме што се случува, бидејќи тие се во фаза од нивниот живот кога нивните пријатели можат да ги испрашуваат за што го видоа во весниците“, рече раперот.
Тој додава дека ниту едно дете не треба да трпи таков притисок на млада возраст, алудирајќи на неговите деца.
„Неправедно е што треба да се обидат да ја разберат необјаснивата злоба што го уништува семејството и човечкиот дух“, се вели во реакцијата.
Џеј Зи и Бијонсе се во брак од 2008 година и имаат три деца, ќерката Блу Ајви и близнаците Руми и Сер.
Џеј Зи се најде на мета кога жена која тврди дека била сексуално нападната од Шон „Диди“ Комбс во 2000 година, ја измени својата тужба за да ги вклучи наводите дека и Џеј Зи ја нападнал на истата забава. Тужбата против Диди беше поднесена во октомври, а Џеј Зи беше додаден во неделата.