Намалување на цената на дизелот
Од полноќ, дизел горивото ќе поевтини за еден денар по литар, додека цените на бензините остануваат непроменети, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со оваа одлука, малопродажните цени на нафтените деривати ќе паднат во просек за 1,1 отсто.
Новата цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе изнесува 69,5 денари за литар, додека цената на Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) ќе биде 66,5 денари. ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе продолжи да се продава за 75 денари, а ЕУРОСУПЕР БС – 98 за 77 денари за литар.
РКЕ исто така соопшти дека малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,902 денари за килограм и сега ќе изнесува 33,963 денари.
Според податоците на РКЕ, референтните цени на нафтените деривати на меѓународниот пазар покажуваат опаѓање, при што бензините во просек паднаа за 1,220 отсто, дизелот за 3,302 отсто, екстра лесното масло за 2,323 отсто, а мазутот за 4,403 отсто. Исто така, курсот на денарот во однос на доларот, по кој беа формирани цените во претходната пресметка, е понизок за 0,0096 отсто.




