Директорот на СОЗР летал со владиниот „Лирџет“ до Љубљана, но не во шопинг, туку за да го тестира авионот

Директорот на Службата за општи и заеднички работи во Владата – Пеце Мирчевски, демантира дека со владиниот авион „Лирџет“ заминал на шетање и шопинг во Љубљана, како што објавија некои медиуми повикувајќи се, наводно, на извори меѓу вработените од СОЗР. Мирчевски, меѓутоа, потврдува дека лет до Љубљана бил остварен.

„Како може владин авион да се користи за приватни потреби? По кој основ?“, наводно прашувале вработени во СОЗР, според делот од медиумите кои објавија дека со Мирчевски заминале уште три жени, вработени во службата.

Според Мирчевски, се работи за нешто сосема друго. За МИА тој вели дека се работи за тренинг лет на владиниот авион, кој е задолжителен поради безбедносни причини. Летот, објаснува, е извршен на релација Скопје – Охрид – Љубљана, бидејќи тестирањето на авионот подразбира 3 часа непрекинат лет. Според Мирчевски, во авионот при тестирањето има(ло) двајца пилоти, еден инструктор и четири лица патници.

Авионот полетал во 7:30 часот, прво кон Охрид, вели Мирчевски, за разлика од објавената вест на „Нетпрес“, на пример, каде се тврди дека Лирџетот полетал од Скопје за Љубљана во 10:08 часот, информација што, според порталот, официјално им ја потврдиле и од М-НАВ.

 

- Реклама -