Директорката на Институтот за јавно здравје изнесе сериозни неправилности
„Многу работи ми изгледаа фантастични кога дојдов на оваа функција, особено нештата што се случувале пред моето доаѓање“, изјави Андоновска.
По нејзиното поставување на директорската позиција, нејзиниот тим утврди дека не постојат реагенси и дека немало никаква евиденција за нив.
„Некои луѓе примале плата, а не се појавувале на работа. Колегите пишувале дека се присутни на работното место, а тие возвраќале со пари“, додаде Андоновска.
Таа исто така посочи дека некои лица биле вработени без административен испит, а забележани се и неправилности во унапредувањето и исплатата на додатоци. Наградувањето на вработените било неадекватно, а набавувана била непотребна медицинска опрема. Набавувани се апарати што веќе постојат, наместо да се фокусираат на оние што недостаќаат. Фармацевтските техничари извршувале задачи на медицински сестри или лаборанти, со што се загрозувале здравствените услуги.
Андоновска истакна дека пред нејзиното доаѓање на чело на ИЈЗ, чести биле договорите за работа со веќе вработени. Исто така, се издавале простории во сопственост на ИЈЗ за пекарници, што било спротивно на законот. Правени се јавни набавки кои не биле предвидени во годишниот план.
На новинарско прашање, Андоновска откри дека вработените примале дополнителен износ на платата за архивска работа, како, на пример, за чистење на двор. Тоа било во опсег од 44 до 88 илјади денари.
Сепак, таа нагласи дека има вработени во Институтот за кои може да се каже дека својата работа ја извршуваат чесно и професионално, па апелираше да не се ставаат сите во ист кош.
Андоновска увери дека повеќето од проблемите во Институтот се надминати.



