Македонскиот пијанист Дино Имери, еден од најистакнатите уметници на својата генерација, вечерва (понеделник, 20 април) со почеток во 20 часот, ќе одржи бесплатен концерт во концертната сала на Факултетот за музичка уметност. Овој настан се организира во чест на 60-годишниот јубилеј од основањето на институцијата. Факултетот навлегува во ново и динамично поглавје, преку богата концертна активност, семинари и настани, со кои достојно го одбележува значајниот јубилеј.
На програмата на концертот, особено внимание привлекуваат познатите “Голдберг варијации” од Јохан Себастијан Бах – дело кое се издвојува во репертоарот на мал број пијанисти, бидејќи бара од изведувачот висок степен на подготвеност, уметничка зрелост и исклучителен технички вештини. Имери минатата година го изведе ова ремек-дело со одличен успех во Виена, а планира да го изведе и на претстојната турнеја во неколку германски градови во соработка со Керценконцерте Дојчланд.
“Драго ми е што можам да се приклучам кон честитките за овој важен јубилеј на мојата матична институција – Факултетот за музичка уметност, каде што во времето добив моето образование, а денес сум дел од наставниот кадар како вонреден професор. Последните шест години активно работам на “Голдберг варијации” и можам да кажам дека оваа творба се изучува цел живот. За мене, секоја изведба на ова дело е огромен предизвик и празник за душата. Оваа недела ќе имам можност да ги изведам дури четири пати на различни локации во светот, а тоа бара посебна дисциплина и посветеност.” – изјави Маестро Имери.
Влезот на концертот е слободен, а публиката ќе има прилика да ужива и во настапот на Лина Бојаџиева – млада пијанистка и студентка во класата на колешката вонр. проф. м-р Марија Вршкова, која исто така ќе изведе музика од Бах.




