Димовски: ТИРЗ остварува пораст на уплатите во буџетот и покачување на платите

Компаниите сместени во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) продолжуваат да бележат значителен напредок, и тоа не само во уплатите кои ги прават во државниот буџет, туку и во платите на своите вработени. Ова го истакна директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски. Според најновите информации, за 2024 година компаниите од овие зони уплатиле околу 5,7 милијарди денари во буџетот, при што државната поддршка изнесувала околу 2 милијарди денари. Во 2025 година, уплатите се зголемиле и надминале 6,3 милијарди денари, додека државната помош се намалила на приближно 1 милијарда денари.

Димовски нагласи дека досега не постојат индиции за повлекување компании од зоните, иако во некои случаи може да се јави обврска за враќање на државната помош во случај на непочитување на договорените услови. Кога станува збор за платите, тој посочи дека во 2025 година се забележува зголемување од околу 6% на нето платите во споредба со претходната година, додека вкупниот број на вработени останува стабилен, со околу 18.000 лица.

Прочитајте и:  Ветеранката Кирстеа ја совлада Сабаленка на Мастерсот во Рим.

Од Дирекцијата направија прогнози за продолжување на позитивниот тренд и во иднина, со најави за нови инвестиции, отворање работни места и дополнителен раст на платите во зоните.