Димитар Митровски потпиша договор со Олимпија од Љубљана во историски трансфер за словенечката прва лига.

Македонскиот репрезентативец Димитар Митровски стана нов член на словенечкиот шампион Олимпија Љубљана. По извонредната сезона во дресот на Вараждин, каде што се истакна како еден од највпечатливите играчи во ХНЛ, 26-годишниот офанзивец направи значаен чекор напред во својата кариера.

Утрово, Митровски официјално го потпиша договорот со Олимпија, клуб кој ова лето ќе учествува во квалификациите за Лигата на шампионите. Договорот е со траење до 2028 година, а овој трансфер, како што беше објавено, е историски за словенечкиот фудбал, со вредност од еден милион евра.

Во текот на сезоната 2024/25, Митровски учествуваше во 28 натпревари во хрватското првенство и постигна 8 голови, играјќи клучна улога во европската авантура на Вараждин, кој успеа да се квалификува за настап во Конференциската лига.