Додека новиот папа Лав XIV го презема кормилото на Католичката црква, група ревносни ИТ експерти – кои се нарекуваат себеси „Божји хакери“ – тивко водат битка на дигиталниот фронт заштитувајќи го Ватикан од сè почести кибернапади.
Од 2022 година мрежа од експерти за кибербезбедност, здружени под името „Vatican CyberVolunteers“, помага во одбраната на Ватикан од сè почести и пософистицирани кибернапади. Групата се состои од најмногу 90 волонтери, од кои половина се верници католици, додека останатите се луѓе кои сакаат да помогнат.
„Ние сме дигитална верзија на швајцарската гарда – го чуваме Ватикан, но во виртуелниот простор“, изјави за „Политико“ основачот на групата, Џозеф Шенуда.
Цел на шпиони и хакерски напади
Последниве години Ватикан е редовна цел на напади, од обиди за кражба на податоци за високи функционери (фишинг), преку DDoS напади што ја преоптоваруваат мрежната инфраструктура, до физичка инсталација на лажни ви-фи мрежи во и околу Ватикан со цел да се измамат вработените и да се добијат нивните лозинки.
Киберволонтерите редовно доставуваат информации за закани на ИТ-услугите на Ватикан, помагаат во откривање на ранливости преку „пенетрациски тестирања“ (т.н. pen testing), а во итни случаи обезбедуваат бесплатни компјутерски ресурси во „облакот“. Сепак, тие предупредуваат дека системот е далеку од безбеден.
Според Глобалниот индекс за кибербезбедност за 2024 година објавен од Меѓународната унија за телекомуникации, Ватикан е во најниската категорија – во групата земји со најлоши резултати, заедно со Авганистан, Малдиви и Јемен. За технички безбедносни мерки доби нула од можни 20 поени.
„Наоѓаме голем број безбедносни пропусти и ги проследуваме до службите во Ватикан“, вели Шенуда. Само во последната година бројот на напади е зголемен за 150 проценти, а моменталното ниво на опасност е класифицирано како високо (т.н. портокалово ниво) според внатрешниот систем за следење на закани.
Шпионските игри и дигиталната одбрана на Црквата
Ватикан отсекогаш бил интересна цел за шпионите – некогаш поради дипломатските врски, а денес сè повеќе поради информациите што се разменуваат електронски.
Еден од најсериозните инциденти се случи во 2020 година кога кинеската хакерска група RedDelta, според сомневањата на безбедносните експерти, се обиде да ги компромитира серверите на католичката епархија во Хонг Конг и на Светата столица за време на чувствителните преговори меѓу Кина и Ватикан за назначување на бискуп.
Две години подоцна, во ноември 2022 година, веб-страницата на Ватикан падна само еден ден откако папата Франциск јавно ја критикуваше руската агресија врз Украина. Во меѓувреме Ватикан почна да презема посериозни чекори за заштита. Во 2019 година папата Франциск го назначи Џанлука Гауци Броколети, поранешен експерт за ИТ-безбедност, за директор на службите за безбедност и цивилна заштита.
Посебно внимание беше посветено на безбедноста на конклавата, изборот на новиот папа. Според „Политико“, за време на неодамнешната сесија експертите ја пребарале Систинската капела барајќи уреди за прислушување и инсталирале фреквенциски блокатори за да спречат протекување на информации или дигитална шпионажа. Кардиналите не користеле мобилни телефони и лаптопи и користеле класични будилници и рачни часовници. За време на конклавата во 2013 година наводно се користел и Фарадеев кафез за блокирање на електромагнетните бранови.
Црква без стратегија за кибербезбедност
И покрај напорите на волонтерите и поединците Ватикан сè уште нема формално назначен директор за безбедност на информациите (CISO) ниту систематски развиена политика за дигитална безбедност.
„Ја започнавме оваа иницијатива за да ги охрабриме да се разбудат. Тие се под постојани напади“, објаснува Шенуда, кој инаку работи како консултант за кибербезбедност во Холандија. Ватикан не одговори на новинарското прашање.
Во своето прво официјално обраќање пред Кардиналскиот колегиум папата Лав XIV ја презентираше визијата за својот понтификат и објасни зошто го избрал името Лав. Неочекувано, важна улога во таа одлука одиграла вештачката интелигенција, како и неговата желба да се надоврзе на наследството на папата Лав XIII. Папата Лав XIV го посочи развојот на вештачката интелигенција како еден од најголемите предизвици на денешницата.