Скопје, 09.05.2025 – Во недела, на 11 мај, ќе се одржи 9-тото издание на HalkEco Скопје Трча 10КМ, организирано од Сојуз на Спортови на Скопје, во соработка со А.К. Скопски Маратон и А.К. Работнички. Оваа година за трката се пријавени 1.700 натпреварувачи, кои покрај во генералниот пласман, ќе бидат рангирани и во три старосни категории. Новитет оваа година е воведувањето на категорија за учесници со телесен инвалидитет, каде се пријавени 12 натпреварувачи, од кои 9 се мажи и 3 жени. Стартот на трката, долгa 10 км, е закажан за 9 часот наутро, пред фонтаната Лотос, која ќе биде и место на финишот. Трасата ќе поминува низ делови од булеварите „Илинден“ и „Партизански Одреди“, укажувајќи дека натпреварувачите ќе се движат по следната рута: од булевар „Илинден“ до крстосницата со улица „Никола Парапунов“, па лево на „Никола Парапунов“ до булевар „Партизански Одреди“, десно кон мостот Влајко, од каде што полукружно ќе се враќаат до крстосницата со улица „Љубљанска“ и повторно полукружно назад преку улица „Никола Парапунов“ и булевар „Илинден“ до целта кај фонтаната. Поради трката, ќе има времен режим на сообраќај на наведените булевари и улици од 8 до 11 часот. Главен спонзор на HalkEco Скопје Трча 10КМ е Халк Банка, а СКОПЈЕ ТРЧА го започна својот пат во 2017 година, со цел да ја збогати понудата на квалитетни трки и да го зголеми интересот за активен живот меѓу граѓаните. Со неговото деветто издание оваа година, СКОПЈЕ ТРЧА се етаблира како традиционална трка која продолжува да се развива и да се организира на се позабележителен начин.