Девет лица изгубија животот, а седум се повредени во силна експлозија во фабриката за експлозиви „Енаекс Бразил“ во градот Кватро Барас, кој се наоѓа во близина на Куритиба, потврдија од компанијата.
Според соопштението на Енаекс, објавено доцна синоќа, меѓу настраданите има шест мажи и три жени.
Несреќата се случила вчера утро околу 5:50 часот по локално време, во објект со површина од 25 квадратни метри, каде се подготвувале експлозиви за транспорт. Ова го изјави полковникот Хилер, командант на Противпожарната бригада на бразилската држава Парана, а информацијата ја пренесоа бразилските медиуми.
Објектот бил целосно уништен во експлозијата, а околните куќи и деловни простории претрпеле значителна штета.
Според локалните власти, три лица кои се наоѓале надвор од центарот на експлозијата добиле полесни повреди.
Капетанот на Противпожарната служба изјави дека во објектот се појавил и пожар, кој успешно е локализиран.
Поради ризикот од понатамошни експлозии, потрагата по телата на жртвите започнала дури откако експертите потврдиле дека е елиминирана опасноста за спасувачките екипи.
Даниел Оливеира, индустриски директор на „Енаекс Бразил“, посочи дека компанијата организирала тим на психолози за поддршка на семејствата на настраданите и дека сите повредени лица се пренесени во болници, каде се во стабилна состојба.
„Сите сме потресени. Ова е огромна трагедија за нашата компанија, за заедницата и за сите вработени“, изјави Оливеира.




