Денови на македонската култура во Белград започнаа со изложба на уметникот Тодор Јовановски

МИА / Александар Пенев Во Завичајниот музеј во Жарково, дел од Музејот на град Белград, вчера вечер беше формално отворена изложбата на слики од познатиот македонски уметник Тодор Јовановски, со што започна овогодинешното издание на традиционалниот настан „Денови на Македонската култура во Белград“, насловено „Допир на Македонија“. Оваа манифестација која се одржува вкупно четиринаесетти пат е организирана од здружението „Македониум“, а под поткрепа на Националниот совет на македонското национално малцинство и Министерството за култура на Србија.

Изложбата на Јовановски, којашто ја изразува длабоката културна врска со Македонија, оваа година носи и хуманитарна димензија. Уметникот ја донира сликата „Виолинистка“ (масло на платно, 70 x 50 см, 2016) а приходите од нејзината продажба ќе се искористат за поддршка на семејствата на пациенти од Кочани кои се лекуваат во Белград. Аукцијата трае до 29 мај, а сликата ќе му биде врачена на купувачот на затворањето на изложбата, кое ќе се одржи на 30 мај, информираат од „Македониум“.

Настанот го отвори претседателката на Македонскиот национален совет, Зорица Митровиќ, а историчарот на уметноста Здравко Вучетиќ говореше за творештвото на Јовановски. Во текот на манифестацијата се предвидени следниве настани:

– На 9 мај, во Академија 28 ќе се одржи јубилеен концерт по повод десетгодишнината од воспоставувањето на ансамблот „Македониум“, со учество на гости од Културно уметничкото друштво „Колан“, пејачките групи „Срма“ и „Луњина“ и хорот на ОУ „Доситеј Обрадовиќ“ од Умка. Концертот е исто така хуманитарен, а билетите се 300 динари, со средствата ќе се помогнат повредените од Кочани.

– На 15 мај, во Театар 78 ќе се изведе претставата „Земјата на штрковите“ од театарот „Провокација“ од Скопје, со почеток во 19:30 часот. Претставата потоа ќе се игра во Јабука на 16 мај и Вршац на 17 мај.

– На 22 мај, во Градската библиотека Белград ќе се одржи свечена академија по повод празникот на светите браќа Св. Кирил и Методиј, со специјален гостин Симона Груевска Маџоска од Институтот за македонски јазик од Скопје.

– На 28 мај, ќе се одржи поетска вечер во куќата на Ѓуро Јакшиќ и ќе се оддаде почит на поетесата Емилија Тодорова од Австралија.

– На 2 и 3 јуни, кино салата на Етнографскиот музеј ќе ја прикаже филмската ревија на македонскиот режисер Љубиша Георгиевски, презентирајќи извонредни дела од неговиот портфолио, во соработка со македонската кинотека.

Овој настан е посветен на промоција на македонскиот културен идентитет и зајакнување на пријателските врски меѓу двете нации, а се реализира со поддршка на компаниите „Алкалоид“ и „Фудекс“.