Денеска дојави за бомби во 17 основни и 22 средни училишта во Скопје и во 8 основни и едно средно во Куманово – повеќето се лажни, проверката во останатите продолжува

Во текот на денешниот ден добиени се дојави за поставени експлозивни направи 17 основни и 22 средни училишта во Скопје и во осум основни и едно средно во Куманово, при што во најголемиот дел од скопските училишта и во сите кумановски проверките се завршени и е констатирано дека се работи за лажна закана, информира МВР.

За останатите училишта во Скопје проверките сѐ уште траат и, кога ќе завршат, МВР дополнително ќе информира за резултатите.

Како што соопшти претходно МВР, утрово во СВР Скопје и СВР Куманово било пријавено дека на електронските адреси на училишта во Скопје и Куманово е упатена закана за поставена експлозивна направа.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, информираа од МВР.

Дојави за бомби, според сознанија на МИА, меѓу остатантите, имало во основните училишта „Александар Македонски“, „Лазо Ангеловски“ и „Ѓорѓија Пулевски“ на територија на Општина Аеродром, како и во ОУ „Киро Глигоров“ во Центар.

Во Куманово, пак како што јави дописничката на МИА, во 9.10 часот утрово пристигнала дојава за бомба во основно училиште „Браќа Миладиновци“, по што надлежните пријавиле во полицијата и учениците и наставниците биле евакуирани за осум минути.

„Во 09:10 беше добиен мејл на нашиот училиштен мејл од извесен Антонио, каде најавува дека во училиштето има поставено бомба. Во 09:18 повикав 192, но првично беше преземена евакуација на вработените и учениците. Учениците беа изведени без паника од училниците, влегов, реков ‘Ајде Нова година, ги скратуваме часовите, ве честам’, за да направиме атмосферата да не биде панична. За осум минути беа изведени учениците и вработените од објектот“, изјави директорката на училиштето, Јасмина Спасовска.

Надлежните од „Браќа Миладиновци“ го следеле планот за евакуација кој бил подготвен за планот за евакуација кој бил издаден по пожарот во модуларната болница во Тетово.

„Планот беше наменет за елементарни непогоди, пожари. Во тој период тогаш пристапивме кон целосни документи, планови, симулации на вежби за евакуација и тогаш четири и пол минути ни требаше за евакуација. Меѓутоа еве сега ни послужи и сметам дека за многу брзо време да излеземе на безбедно“, појаснува Спасовска.

Во 9.15 часот и на училишниот мејл на кумановското основно училиште „11 Октомври“ стигнала дојава за поставена експлозивна направа.

„Веднаш ја информиравме кумановската полиција и пристапивме кон евакуација на учениците, им кажавме дека има проблеми со греење за да спречиме паника. Немаше паника, учениците и наставниците безбедно заминаа дома“, изјави директорката Елизабета Костиќ.

Директорката на основното училиште „Карпош“ од село Умин Дол, Тања Тодоровска, потврди дека и на нивниот училишен мејл пристигнала закана за поставена експлозивна направа.

„Дечињата веднаш се евакуирани за помалку од една минута. Го следевме планот за евакуација и насоките кои сме ги добивале од претходни обуки“, изјави Тодоровска.

Училишната зграда е една од најголемите во Куманово и по бројност е едно од најголемите училишта во државата. Извесен период улицата „Народна револуција“ беше блокирана за сообраќај, исто и улицата каде е сместена кумановската гимназија „Гоце Делчев“ чиишто ученици поради реконструкција на подови следат онлајн настава.

Според податоците на Општина Куманово, покрај до овие три, дојави за поставени бомби биле упатени и до основните училишта „Бајрам Шабани“, „Крсте Мисирков“, „Браќа Рибар“, „Јероним Де Рада“, „Кирил и Методиј“, „Кочо Рацин“ и до средното општинско училиште „Гоце Делчев“. Станува збор претежно за училишта во поширокото централно градско подрачје, но и за објекти вон градот, каде наставата се изведува на македонски и на албански наставен јазик.

Некои директори на училишта одлучиле да ги пуштат учениците и во оние објекти каде немало дојава за поставена експлозивна направа.

Кумановската полиција информира дека веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите.

Извор/ФОТО: МИА

- Реклама -