Денес својот роденден го слави Надја Петровиќ – македонската уметница со глобално признание.

Денес, нашата истакната академска сликарка, Надја Петровиќ, го слави својот 35-ти роденден. Родена на 20 јули 1991 година во Битола, таа е едно од најпрепознатливите имиња во современата македонска уметност, чијашто работа успешно допира до престижни галерии и изложби во Европа и САД. Надја живее и создава меѓу Скопје и Фиренца, градејќи интернационална кариера која ја сместува во редот на најзначајните уметници од својата генерација.

Нејзиниот вроден талент бил забележан уште во детството. Како ученичка, активно учествувала на „Малиот битолски Монмартр“, каде го добила признанието „Македонија“, а во периодот од 2002 до 2003 година освоила неколку меѓународни награди и медали на детски ликовни конкурси во Бугарија, Португалија и Кина.

По завршувањето на гимназијата „Таки Даскало“ во Битола, во 2009 година одела на курсеви на престижниот Central Saint Martins College of Art and Design во Лондон. Образованието го продолжила на Accademia di Belle Arti di Firenze, каде дипломирала на отсекот за сликарство и цртање во 2013 година, а магистрирала на Одделот за визуелни уметности и нови изразни форми во 2017 година. Во истата година, го завршила и програмот за менаџмент во уметноста и културата на Европската економска школа во Фиренца.

Надја Петровиќ создава монументални фигуративни композиции, во кои вешто ги спојува реализмот, апстракцијата и концептуалната мисла. Човекот, со неговите психолошки состојби, духовни дилеми и односот кон општеството, е често во фокусот на нејзините дела. Нејзиниот уметнички израз е инспириран од психологијата, антропологијата и научните истражувања, создавајќи универзални прашања за човечката природа.

Во текот на својата кариера, таа реализирала значајни циклуси, меѓу кои се „Под кожата“ (2016), „Звукот на тишината“ (2017), „Привид на стварност“ (2018) и „Кршливоста на светулките“, изложена во Музејот на град Скопје во 2023 година. Секоја од овие серии носи свој уникатен визуелен јазик и богата симболика, по што Петровиќ е призната и во странство.

Незините дела се претставени на бројни меѓународни изложби, вклучувајќи Biggs Museum of American Art во Делавер, на придружни настани при 58. Венециско биенале, во MC Gallery во Њујорк, Art San Diego, ArtBox New York, изложбениот центар Messe Wien во Виена и во The Brick Lane Gallery во Лондон. Паралелно со изложбите, нејзината работа редовно се објавува во меѓународни уметнички списанија, а често е поканувана да одржува работилници и мастер-класи на академии и институции, пренесувајќи ги своите знаења на новите генерации уметници.

Со својата посветеност, уникатен стил и континуирана меѓународна активност, Надја Петровиќ продолжува да биде еден од најуспешните амбасадори на македонската современа уметност во светот.

Редакцијата на „Екран“ ѝ посакува среќен роденден на Надја, со желби за добро здравје, неисцрпна инспирација и нови успешни изложби и признанија како на домашната, така и на светската уметничка сцена.