Денес нашата позната актерка и универзитетска професорка, Синоличка Трпкова, го слави својот роденден. Таа е една од најзначајните фигури на македонската сценска уметност, оставила длабоки траги во театарот, филмот и телевизијата.
Родена на 22 јули 1965 година во Скопје, по завршувањето на Факултетот за драмски уметности, од 1989 до 1991 година била дел од ансамблот на Драмата при Македонскиот народен театар. Покрај ангажманите во институционалниот театар, активно учествувала и во бројни независни проекти, создавајќи впечатлива и разновидна кариера.
Македонската публика првпат ја запознала како млада актерка во култната детска телевизиска серија „Бушава азбука“. Скоро потоа, следеле значајни улоги во филмот „Среќна Нова ’49“, како и во многу домашни и меѓународни продукцији. Во текот на својата кариера, оставила силен впечаток со улогите во филмовите „Опстанок“, „Заминување од Пасквелија“, „Џипси меџик“, „Збогум на 20-тиот век“, „Некои други приказни“, „Кома“ и многу други, што ја потврдуваат нејзината актерска зрелост и уметничка посветеност.
Талентот на Трпкова е признаен и надвор од границите на Македонија, а учествувала и во неколку меѓународни проекти, меѓу кои се истакнува култниот филм „Дом за бесење“ на Емир Кустурица, како и „Смртта на ученикот“ и „Кармин“, кои се снимени во соработка со европски продуцентски куќи.
Покрај успешната актерска кариера, Трпкова активно учествува и во образованието. Како професорка по предметот Филмска, телевизиска и радио игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје, таа пренесува свое богато искуство на новите генерации актери, оставајќи траен белег во образовната сфера.
Со својата посветеност и значаен придонес во македонската култура, Синоличка Трпкова е едно од најценетите имиња во современото македонско глумиште.
Редакцијата на „Екран“ ѝ честита на Синоличка и и посакува многу здравје, среќа и нови успеси во иднина.




