Денес прославува роденден нашата позната оперска певица Весна Гиновска-Илкова.

Весна Гиновска-Илкова е родена на 2 април 1972 година во Скопје и е една од најпознатите македонски оперски пејачки (сопрани).

Таа е првенка во Оперската куќа на Македонскиот народен театар. Дипломирала соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 1994 година, а потоа магистрирала на Белградската музичка академија. Нејзиниот настап на оперската сцена започнал во 1996 година со улогата на Микаела во „Кармен“, каде што настапила заедно со познатиот руски тенор, Сергеј Дубровин. Истата година, Весна станала постојан член на оваа значајна културна институција.

Нејзиниот прв меѓународен настап се случил во 1998 година на натпреварот „Борис Христов“, каде се претставила со улогата на Елизабета од „Дон Карло“. Следеле настапи на бројни престижни сцени низ светот, а во 2014 година, Весна реализирала рецитал во Њујорк. Како признание за нејзините достигнувања, Стопанската комора на Македонија ја прогласила за Почесен амбасадор на културата во Република Македонија.

Прочитајте и:  Жешко до задутре, со попладневни порои и грмежи.

Во текот на својата кариера, таа била носителка на низа главни улоги, вклучувајќи:

  • Леонора (Трубадур);
  • Флорија Тоска (Тоска);
  • Аида Дона Леонора (Моќ на судбината);
  • Чо-чо-Сан (Мадам Батерфлај);
  • Лиу (Турандот);
  • Дездемона (Отело);
  • Мими (Боеми);
  • Ирена (Кирил Македонски, „Цар Самуил“); и
  • Лидија (Ристо Аврамовски, „Лидија од Македонија“).

Настапите и на концертниот подиум, каде изведува соло рецитали и вокално-инструментални дела, исто така, оставиле значаен печат во нејзината кариера. Нејзиниот гласовен опсег е богат, а уметничката визија динамична и инспиративна, со преиспитана вокална техника и јасно диференцирана тонска изразна форма. Весна ги одушевувала љубителите на операта во повеќе европски држави, како Бугарија, Србија, Словенија, Хрватска, Данска, Германија, Италија и Франција.

Среќен роденден, Весна! Ти посакува редакцијата на „Екран“.