Сите што се на црната листа на САД поради криминал, треба да понесат политичка и кривична одговорност, исто како и нивните налогодавачи, порачаа од Демократскиот сојуз откако високиот функционер на ДУИ – Артан Груби, беше именуван од Стејт департментот за корупција, земање мито и политичко влијание врз судството, заедно со судијата од Апелација – Енвер Беџети.
„Криминалот и влијанието врз судовите не е само самостојна определба и одлука на Артан Груби и Енвер Беџети, туку зад сите овие мафијашки однесувања стои лидерот на ДУИ Али Ахмети“, потенцираат од Демократски сојуз.
Тие го повикаа Парламентот да усвои Закон за политичка одговорност за сите што се на црната листа на САД, за да се создаде законска основа за поведување постапка за кривична одговорност.
„САД покажаа дека лажните бранители на албанскиот јазик во суштина продаваат магла и манипулираат со чувствата на Албанците за да си ја спасат сопствената кожа.
Водството на ОНА наместо во ХАГ, дваесет години ја ограбува Македонија и нејзините граѓани и Албанци и Македонци.
Очекуваме оставки и акција од државата“, се вели во реакцијата.