Делегација предводена од Мицкоски на инаугурацијата на Доналд Трамп

Доналд Трамп се враќа на престолот во Белата куќа. Течат последните подготовки во Вашингтон за понеделничката инаугурација на новоизбраниот американски претседател. Во главниот град на сојузните држави се очекува присуство на околу четвртина милион луѓе со билети да ја следат заклетвата на Трамп.

И македонска делегација ќе присуствува на инаугарациската церемонија која ја предводи премиерот Христијан Мицкоски како единствен претставник од Балканот. Мицкоски ќе биде во друштво на министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков. Премиерот патувањето ќе го искористи и за средби со македонските бизнисмени во САД за лобирање за инвестирање во Македонија.

„Меѓудругото делегацијата предводена од македонскиот премиер Мицкоски ќе присуствува и на свеченоста насловена како „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“. Очекувањата се дека за време на престојот премиерот Мицкоски ќе оддржи повеќе билатерални средби, контакти и средби со повеќе луѓе од новата администрација на американскиот претседател. Исто така премиерот Мицкоски ќе има средба и со бизнисмени со македонско потекло каде ќе стане збор за економска соработка и можни домашни инвестиции“ соопштија од Влада.
На инаугурацијата, засега е јасно дека нема да присуствуваат рускиот и кинескиот претседател, Владимир Путин и Си Џинпинг, а како претставник Кина го испраќа потпретседателот Хан Женг. Нема да оди ниту унгарскиот премиер Виктор Орбан, додека италијанската Џорџија Мелони ќе замине во Вашингтон за утрешната заклетва на Трамп, потврдија од нејзиниот кабинет. Покана добил францускиот претседател Емануел Макрон, но нема потврда дали ќе присуствува, додека според неофицијални информации, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен воопшто и не била поканета.

Поранешните американски претседатели Барак Обама, Џорџ Буш, и Бил Клинтон, сепак, ќе присуствуваат, на инаугурацијата. Ова беше изнанадување затоа што, тројцата до пред 48 часа, имаа став да не присуствуваат бидејќи не сакаале да бидат видени, на „устоличувањето“ на човекот, кој не го почитуваат многу.. Свечената заклетва ќе може да ја следи и досегашниот Џо Бајден.

Инаугурацијата е закажана за во понеделникот, а победата на Трамп на последните избори ќе се слави утре со настап на американски бенд, додека по свеченоста, ќе има три официјални балови и десетина други поврзани со инаугурациската свеченост.

- Реклама -