Во инцидентот била предизвикана штета на пругата во должина од околу четири километри, пренесува „Катимерини“
Товарен воз кој сообраќал на линијата Гевгелија-Солун вчера вечерта делумно излетал од шините во близина на градот Поликастро во северна Грција, јавуваат грчките медиуми.


Според информациите, во несреќата на железничката пруга која ги поврзива Северна Македонија и Грција нема настрадани или повредени лица меѓу персоналот на возот или случајни минувачи, но е причинета материјална штета на шините, поради што железничката линија Скопје-Солун, како што јави дописничката на МИА од Атина, ќе биде затворена за сообраќај околи два месеци.
Од приватниот оператор на грчкиот железнички систем, компанијата „Хеленик треин“ (Hellenic train) денеска кусо соопштиле дека несреќата се случила вчера вечер во 21:25 часот во близина на Поликастро, каде дошло до делумно излетување од шините на задната оска на втората локомотива на товарниот воз со број 45201.
Оттаму додале дека во случајот немало никаква опасност по безбедноста на персоналот на возот, како и дека компанијата соработува со надлежните органи во истрагата за утвдување на причините за излетувањето од шините.
Во инцидентот била предизвикана штета на пругата во должина од околу четири километри, пренесува „Катимерини“.
Ова во изјава за информативниот портал „Карфица“ го потврдил и генералниот секретар на Синдикатот на вработени во Организацијата на грчките железници (ОСЕ), Никос Цикалакис. Тој изјавил дека на терен се присутни екипи за проценка на состојбата и оти е можно станицата кај Идомени да биде затворна додека трае санацијата на штетата.
„Според првичните информации, штетата е на над четири километри, поради што европската рута на земјава од Скопје ќе биде затворена два месеци“,
рекол Цикалакис и додал дека во функција ќе биде само линијата од Бугарија која ќе се користи за меѓународен сообраќај.
Информацијата дека поради штетата на шините, меѓународната линија од Скопје за Солун се очекува да остане затворена околу два месеци ја пренела и грчката државна телевизија ЕРТ, повикувајќи се на извори од ОСЕ, пренесе МИА.
Инаку, како што наведува „Катимерини“, компанијата „Хеленик треин“ е под голем правен и политички притисок по трагичната несреќа кај Темпи во февруари 2023 година, кога 57 лица ги загубија животите, а голем број беа повредени.
Со грчки „Хеленик треин“ во моментов управува италијанската фирма „Феровие дело стато Италијане“, кој од 2017 година стана нејзин сопственик.