Данската премиерка: Гренланд им припаѓа на Гренланѓаните

Фредериксен рече дека се обидува да воспостави разговори со Трамп за неговите изјави за преземање контрола врз Гренланд

Данската премиерка Мете Фредериксен верува дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп не би се обидел насилно да го заземе Гренланд.

„Немаме причина да веруваме дека ќе се случи тоа“,

изјави данската премиерка по средбата со лидерите на политичките партии во данскиот парламент, вклучително и со двајцата претставници од Гренланд, за да ги информира за начинот на кој владата се справува со настаните.

Данската влада одржа состанок во врска со претензиите на новоизбраниот американски претседател Трамп за Гренланд, по што обраќање имаше премиерката Мете Фредериксен, Фото: EPA-EFE/Emil Nicolai Helms DENMARK OUT

Фредериксен рече дека се обидува да воспостави разговори со Трамп за неговите изјави за преземање контрола врз Гренланд.

„Гренланд им припаѓа на Гренланѓаните. Ние предложивме разговор меѓу нас. Мислам дека ништо конкретно нема да се случи додека не се именува новоизбраниот претседател“,

рече Фредериксен додавајќи дека Данска е отворена за дискусии за американските интереси на Арктикот.

Трамп, чија инаугурација е закажана за 20 јануари, повторно го покрена ова контроверзно прашање на неговата платформа „Трут сошал“.

„Гренланд е неверојатно место и луѓето ќе имаат огромна корист ако и кога ќе стане дел од нашата нација. Ќе ја заштитиме од многу лошиот надворешен свет. Да го направиме Гренланд повторно голем“,

напиша Трамп.

Шефот на данската дипломатија Ларс Локе Расмусен пред два дена изјави дека островот нема амбиции да стане сојузна држава во рамките на САД.

„Не знам дали сме во надворешно-политичка криза. Сосема е легитимно американската страна да биде загрижена, а за тоа мора да биде свесно и Кралството Данска“,

рече Расмусен.

- Реклама -