Премиерот Мицкоски размислува за воведување данок на немажени и неженети. Иако не прецизираше точно што ќе значи ова односно од која возраст одредено лице без склучен брак би плаќал данок тој рече дека се повеќе луѓе живеат сами и се помалку стапуваат во брак а со тоа и се помалку деца се раѓаат.
-Да изградиме држава во која надежта е побитна од пасошот. Знаеме дека нема магично решение, но има намерна, постојана државничка борба и ние ја почнавме. Секоја мерка, инвестиција, политика што ја носиме е со цел да ја вратиме вербата и тука сериозно размислуваме за воведување дополнителни даноци за немажени и неженети, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски рече дека алармантни се податоците во кои се поголем е процентот на починати од родени и обвини дека проблемот со слабиот наталитет не бил соодветно третиран од претходните влади. Стапката на наталитет падна од 12,5 процентни промили во 2010 на 8,8 во 2024-тата, рече Мицкоски.
-Фактите се јасни. Во 2024 година се родија 16.061 дете, а починаа 20.201 лице. Тоа е природен под од 4.140 луѓе за само една година. Во последните 4 години изгубивме повеќе од 33.000 жители, како да исчезне еден град од големина на Кавадарци или Кичево. Се надевам професор Јаневска дека оваа година читанката нема да биде мама, тато и јас, туку ќе биде бато, дада, јас, мама и тато, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Но како да се стимулира наталитетот, кои ќе бидат мерките кои Владата ќе ги спроведе. Министерот за социјална политика демографија и млади најави финансиска поддршка.
-Зголемување на еднократна финансиска поддршка за првото дете, ова е едно од мерките што ги предвидуваме. Драстично зголемување на еднократна финансиска поддршка за второ дете, воведување на еднократна финансиска поддршка за близнаци. За мајките кои се вработени предвидуваме дополнителна финансиска поддршка по завршувањето на првороденото дете, изјави министерот за социјална политика демографија и млади, Фатмир Лимани.
Националниот координатор за демографија и млади Влатко Ѓорчев дополни дека за тоа колкава ќе биде финансиската поддршка ќе биде дополнително утврдено, а дека во моментот се разгледуваат буџетските можности за тоа. Покрај ова се ангажираме за намалување на иселувањето на младите, истакна Ѓорчев.