Дали владата на Христијан Мицкоски „се проширува“ со Доналд Трамп?

Високите гости од САД кои деновиве ги примија претседателот, премиерот и половина влада беа претставени како бизнисмени и инвеститори. Во интервју за ТВ Телма, премиерот Христијан Мицкоски додаде и дека се блиски до републиканскиот кандидат за претседатал на САД, Доналд Трамп

„360 степени“ ги разгледа архивите на дел од светски познатите медиуми во потрага по повеќе информации – кои беа луѓето што ја посетија Северна Македонија

Кога гости во една земја ќе ги прими претседател, премиер и половина влада, тоа треба да е доволен сигнал и за политички незаинтересираните да разберат дека дошол некој многу, многу важен.

Можеби немаше пречеци на аеродроми или црвен тепих, но токму такви ВИП-гости деновиве беа во Северна Македонија. Во владата ги пречека премиерот Христијан Мицкоски, заедно со повеќемина министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Следниот ден ги прими претседателката Гордана Силјановска-Давкова. И на таа средба беа присутни неколкумина министри од Владата.

Како беа претставени гостите?

По средбата на Илинденска бр.2, од кабинетот на премиерот објавија дека тој остварил средба со:

  • Крис Павловски, основач и извршен директор на интернационалната компанија „Рамбл“ (Rumble);
  • Хауард Лутник, основач и извршен директор на една од водечките финансиски коорпорации во САД – Кантор Фицџералд (Cantor Fitzgerald);
  • Девин Нунес, поранешен конгресмен на Калифорнија, сега извршен директор на Трамп корпорација за медиуми и технологија.

„На средбата се разговараше за можностите за соработка во дигиталниот сектор и дигиталните реформи кои треба да ги спроведе нашата држава со цел да се подобрат услугите кон граѓаните и поедноставување на нивниот живот, фокусирајќи се на дигиталната слобода и трансформација на македонското општество.

Исто така, беа разговарани повеќе можности за економска соработка во различни области во државата“,

пишува во кусото соопштение за средбата во Владата на која беа присутни половина од министрите.

Истиот ден, само малку подоцна, премиерот Христијан Мицкоски имаше интервју на ТВ Телма. Таму кажа нешто повеќе:

Настап на премиерот Христијан Мицкоски на ТВ Телма (фото: Влада)

„Станува збор за корпорации со десетици милијарди долари годишен обрт. Крис Павловски е со македонско потекло, тој работи заедно со тимот на господинот Трамп во делот на развивање на Rumble која е многу важна во процесот на дигитализација, а луѓето кои беа тука господинот Хауард и господинот Нунес се двајца кои се од кругот на најблиските соработници на експретседателот на САД, Доналд Трамп, и тоа се луѓе со големо корпоративно и политичко искуство во делот на дигитална трансформација.“,

изјави Мицкоски.

Кои се „Рамбл“ и Крис Павловски

„Рамбл“ е компанија основана во 2013 година со седиште во Канада. Има видеосервис налик на Јутјуб, кој го носи името „Рамбл“, нуди веб-хостинг и други клауд -услуги.

Крис Павловски, кој има македонско потекло, ја отвора компанијата како одговор на Јутјуб, односно како платформа на која независните и помали создавачи на содржини ќе добиваат поголемо внимание. „Глоуб енд мејл“ во 2022 година ќе напише дека мотивацијата на Павловски доаѓа откако му станува јасно дека пребарувачот Гугл секогаш им дава предност на влијателните Јутјуб „инфлуенсери“.

Крис Павловски, основач на „Рамбл“ (во средина)

„Рамбл“ не е особено позната се до почетокот на ковид-пандемијата. Тогаш платформата станува популарна и почнува да расте. Кој ја повлекува публиката? Според пишувањата на медиуми како „Њујорк тајмс“, „Форчун“ и „Слејт“, членови на Републиканската партија, како Девин Нунес, вториот висок гостин во бизнис-делегацијата која се сретна со претседателката, премиерот и министрите. Во 2021 г. на „Рамбл“ се приклучува и Доналд Трамп, откако му беше замрзнат каналот на Јутјуб. Потоа следуваат и неколку договори со „Трамп медиа“, вклучувајќи и платформа за реклами чиј прв клиент би бил „Трут сошл“ (социјалниот медиум кој го основаше Доналд Трамп). Од 2022 година, „Рамбл“ котира на американската берза.

Денес „Рамбл“ важи за видеоплатформа на конзервативците и на теоретичарите на заговор, според „Гардијан“. Една од мисиите на компанијата е повторно да го направи интернетот „слободен и отворен“. Иако политиката на мрежата не е да отстранува лажни наративи и дезинформации, „Рамбл“ сепак има граници. Меѓудругото, забранета е порнографија, расизам, антисемитизам.

Кој е Девин Нунес

Веќе спомнавме како е поврзан со „Рамбл“ и Крис Павловски. Тој, во моментов, е директор на „Трамп коорпорацијата за медиуми и технологија“, како што го претставија и од Владата. Но, пред да се приклучи на фирмата на Доналд Трамп, тој бил конгресмен на Републиканската партија од Калифорнија.

Давид Нунес, директор на „Трамп коорпорацијата за медиуми и технологија“ (прв од лево), фото: Влада на РСМ

Од 2015 до 2019 година тој е претседавач на Комисијата за разузнавање (House Intelligence Committee). Во 2018 година, Нунес јавно обелоденува меморандум на четири страници тврдејќи дека Федералното биро за истраги (ФБИ) прави завера против Доналд Трамп, во врска со истрагата за можно руско мешање во изборите во САД во 2016 година. Во јануари 2021 година, Трамп го одликува Нунес со Претседателскиот медал за слобода. Според објавата на тогашниот американски претседател Трамп:

„Храбрите чекори на Девин Нунес помогнаа да се разобличи завера за рушење на актуелен претседател на САД. Напорите на Девин доведоа до отпуштање, деградирање и оставки на десетици вработени во ФБИ и Министерството за правда“,

се вели во дел од одлуката на Доналд Трамп.

Како директор, тој е гласен во промовирањето на социјалната мрежа на поранешниот претседател и кандидат за претседател на следните избори во САД, Доналд Трамп.

Кој е Хауард Лутник

Американски милионер кој во моментов ја води фирмата „Кантор Фитцџералд”. Станува збор за компанија која нуди финансиски услуги, основана во 1945 година.

Лутник зад себе има и тажна приказна. Канцелариите на компанијата, чиј шеф е сега, биле меѓу 101-от и 105-от кат во кулата број 1 од Светскиот трговски центар во Њујорк. Тоа се само два ката над местото на удар на едниот авион при терористичките напади во САД во 2001 година. Загинале сите 658 вработени кои биле во канцелариите, меѓу кои и неговиот брат. Тој ден, на работа требало да биде и Хауард, но го носел детето прв ден во градинка. По ударот на авионот, се обидел да се доближи до зградата и за малку ќе загинел од рушењето на објектот.

Хауард Лутник, директор на „Кантор Фитцџералд“ (трет од лево), фото: Претседател на РСМ

Во деновите, а и годините потоа, тој станува еден од препознатливите ликови кои се поврзуваат со жртвите од 11 септември. Во прво време, загубата на неговата компанија е толкава што останал без пари за плата, но откако го издржал првичниот притисок одвојува голем дел од профитите за семејствата на загинатите работници.

Зад себе има и големо портфолио како филантроп. Донирал и донира средства за различни каузи – од образование до фондови за природни непогоди.

Иако Лутник во медиумите не е портретиран како некој што е идолошки близок до наративите на Трамп, тој, сепак, не е далеку од економските политики на републиканскиот кандидат за претседател. Организирал и присуствувал на донаторски настани за кампањата на Доналд Трамп. Пред само една недела, на јавен настап на Си-ен-би-си, Лутник изјавува дека „Трамп се грижи за бизнисот во Америка“, објаснувајќи ја оправданоста на економските политики кои ги предлага кандидатот за претседател на Републиканската партија.

Каква врска има сето тоа со Македонија

Најконкретниот проект може да се идентификува во соопштението од кабинетот на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

„Беше дискутирана можноста за партнерство со Rumble за изградба на современи национални центри за податоци што како иницијатива би придонело за подобрени стандарди за заштита на приватноста и безбедност на податоците. Исто така, беше разгледана соработката и во однос на проширувањето на дигиталната инфраструктура и поврзаноста, со цел Македонија да стане лидер во регионот по распространетост на брз и широкопојасен интернет“,

соопштија од кабинетот на Андоновски.

Ваквите најави имаат логика, имајќи предвид дека „Рамбл“ работи и со сервери, односно хостинг, како и со клауд-технологии. Но, информациите засега не се доволни за да се разбере, кој би инвестирал во центри за податоци и кој би имал корист и/или профит од тоа.

И, втората конкретна најавена можност е создавање на „дигитален денар“, нешто што го спомна премиерот Христијан Мицкоски.

„Јас сум горд и задоволен што овие луѓе се тука и со тимови на владата ќе разговараат поделени во два дела. Првиот е економски и тука пред се мислам на новите блокчејн-технологии, на криптовалутите и можностите како ‘дигиталниот денар’. И второто е да видиме за дигитализацијата и дигиталната трансформација, за сите овие процедури кои ги зборуваме полесно и потранспарентно да ги завршуваме. Станува збор за компании со приходи од десетици милијарди, а господинот Хауард Лутник е практично човек кој во моментот е еден од најважните 10 фактори на светскиот финансиски пазар и ние го имавме во Македонија“,

кажа Мицкоски во настапот на ТВ Телма..

Хауард Лутник има искуство со криптовалутите, па споменувањето на „дигиталниот денар“ е во неговата област на интерес. Иако, како и за центрите за податоци, не е јасно кој и што ќе инвестира, како и кога би се реализирала идејата и што ќе биде ќарот.

Со оглед на сево ова, барем јавно, енигмата која останува е каква беше улогата на третиот гостин – Девин Нунес и зошто „мораше” сите тројца да се луѓе кои имаат блиски врски со републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп.

Ричард Гренел со премиерот Мицкоски и министрите Мисајловски и Муцунски во Вашингтон

При патувањето на НАТО-самитот во Вашингтон, премиерот Христијан Мицкоски се сретна со уште еден близок човек на Доналд Трамп – Ричард Гренел. Тој, своевремено, беше в.д. директор на Националното разузнавање на САД, амбасадор на САД во Германија и специјален пратеник на Трамп за Балканот. Ја застапуваше идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово како начин на решавање на отвореното прашање.

Ако Доналд Трамп победи на претседателските избори во ноември, Гренел се смета за кандидат за висока извршна позиција позицијата во администрацијата, па дури и за државен секретар (министер за надворешни работи).±

- Реклама -