Ако сакате да стареете поздраво, возможно е да е време да посветите повеќе внимание на вашиот сон. Новото истражување објавено во научното списание „Nature“ открива дека постои оптимален период на спиење за минимизирање на биолошкото стареење, кој изнесува помеѓу 6,4 и 7,8 часа дневно. Студијата покажала дека и премалку и премногу сон може да водат до забрзано стареење на организмот. Спиењето под шест часа е поврзано со побрзо стареење на мозокот, белите дробови, срцето и имунолошкиот систем, додека пак, ако спиете повеќе од осум часа, тоа исто така може да предизвика забрзано стареење на речиси сите органи.
Тимот научници, предводен од Џунхао Вен од Универзитетот Колумбија, користел напредни статистички модели познати како „часовници на стареење“ за проценка на биолошкото стареење на различни органи. Резултатите укажуваат на тоа дека секој орган може да старее со различно темпо, и тоа дури кај истата личност. Сепак, авторите на истражувањето нагласуваат дека овие наоди не значат дека времетраењето на сонот директно влијае на стареењето, туку дека екстремниот недостаток или вишок на сон може да сигнализира за присуство на други здравствени проблеми.
Долгиот сон, според експертите, понекогаш е поврзан со состојби како што се апнеја при спиење, воспалителни заболувања, невродегенеративни нарушувања или проблеми со менталното здравје. Хроничниот недостиг на сон, пак, е долго време поврзан со зголемен ризик од дебелина, дијабетес тип 2, висок крвен притисок, срцеви заболувања, депресија и анксиозност.
Истражувањето открило и дека жените можеби имаат потреба од 10 до 20 минути повеќе сон во однос на мажите, при што научниците го поврзуваат тоа со хормоналните промени, менструалниот циклус, бременоста и менопаузата. Според неврологот Крис Винтер, клучниот заклучок е дека просечното времетраење од околу седум часа сон може да биде пореална и поздрава цел отколку долгогодишно прифатената препорака за задолжителни осум часа. Тој истакнува дека потребите за сон варираат и зависат од возраста, генетиката и начинот на живот.




