Дали Роналдо ќе биде спремен за Светското првенство?

Легендарниот португалски фудбалер Кристијано Роналдо, според извештаите од Велика Британија, би можел да го пропушти Светското првенство во 2026 година по повредата која ја претрпе за време на викендот.

Напаѓачот на Ал Наср се повреди во натпреварот против Ал Фајха од Саудиската професионална лига, кој неговиот тим го победи со 3:1. Роналдо го напушти теренот во 81-та минута, откако сигнализираше на клупата за потенцијални проблеми со мускулите.

Пред да биде заменет, португалскиот ветеран не успеа да реализира пенал при резултат 0:0.

Тренерот на Ал Наср, Жорж Жезус, потврди по завршувањето на натпреварот дека Роналдо ќе биде подложен на итни медицински прегледи.

„Роналдо почувствува мускулен замор, и медицинскиот тим веднаш ќе изврши потребни тестови за да се утврди неговата состојба“, изјави Жезус.

Според весникот „Сан“, стравувањата се зголемуваат дека повредата може да биде посериозна и да го загрози учеството на Роналдо на Светското првенство во 2026 година, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.

Роналдо (41) сака да влезе во историјата како првиот фудбалер кој ќе игра на шест Светски првенства. Тој учествуваше на секое Светско првенство од 2006 година, а веќе е во елитното друштво на фудбалери со пет настапи, меѓу кои се и Лионел Меси, Лотар Матеус, Антонио Карбахал, Андрес Гвардадо и Рафаел Маркез.

Доколку се опорави навреме, Португалија ќе го одигра својот прв натпревар на турнирот на 17 јуни против победникот од плејофот во кој учествуваат Нова Каледонија, Јамајка и ДР Конго. Во групната фаза ги очекуваат дуелите против Узбекистан и Колумбија.

Фото/ depositphotos