Еден од најомилените македонски поп-изведувачи, Дарио Панковски, кој неодамна одбележа четири децении на музичката сцена, ќе биде награден со признанието за трајни музички вредности на престижната манифестација „Златна Бубамара на популарноста“.
Својот музички пат Дарио го започнал како дел од групата „Бон-тон“, а низ годините издал четири соло албуми, проследени со еден жив настап снимен на албум. Публиката што ќе присуствува на 28-то издание на „Златна Бубамара на популарноста“, кое ќе се одржи на 19 февруари во арената „Борис Трајковски“, ќе има прилика да ужива во спектакуларен настап на Дарио. Атмосферата ќе биде збогатена со енергичната изведба на танчарите од „Dancers United“ како и со големиот оркестар на Бубамара.
Четириесет години бескрајна посветеност на музиката, како и безвременските хитови „Меѓу сите ѕвезди“, „Жена за сто години“, „Зајди јасно сонце“, „Ладна како камен“, „Дупла вотка“, „Косоока“, „Здравје боже“, „Мајко моја родиме“, „Која ли си ти“ и многу други, сведочат за значајниот печат што Дарио го оставил во македонската музичка историја.
Оваа година, манифестацијата ќе се одржи под слоганот „Вештачка интелигенција за владата – природна забава за народот“. Карти за настанот можат да се набават преку онлајн платформата mktickets.mk или лично во цвеќарницата „Розе Веро 2 – Тафталиџе“.