Српскиот министер за внатрешни работи информира дека освен осомничениот за транспорт на убиецот, е уапсена и неговата сопруга за која вели дека била помошник


Триесет и деветгодишниот З. Р. е уапсен попладнево во Бијелина под сомнение дека го превезувал убиецот кој ноќеска во Лозница уби 34-годишен полицаец и рани друг 50-годишен.
Вицепремиерот на Србија и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека во Бијелина, покрај осомничениот за транспорт на убиецот од Прешево во Лозница, во Младеновац, кај Белград, како помошник е уапсена и неговата сопруга И. Р.
„Во Бијелина во попладневните часови во соработка со полицијата на Република Српска е уапсен З. Р. (39), кој е осомничен дека го организирал транспортот на убиецот од Прешево до Лозница“,
изјави српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
Дачиќ претходно денеска информира дека ноќеска, околу 00:55 часот во Лозница, при контрола на возило на пункт, полициски службеници од граничната полициска станица „Трбушница“ запреле „мерцедес“ во кој имало две лица. При излегувањето од возилото, едно лице пукало со пиштол, при што убил 34-годишен полицаец и ранил друг 50-годишен припадник на полицијата.
Двајцата полицајци биле пренесени во Општата болница Лозница, каде што Крсмановиќ им подлегнал на повредите.
На лице место полицијата пронашла пасош кој се верува дека бил на осомничениот напаѓач, издаден од институции во Косово на име Хајзири Артан (33), како и германска лична карта, пренесоа српските медиуми.
Српскиот министер Дачиќ го оквалификува делото како терористички напад на албански структури од Косово.
Премиерот на Косово, Албин Курти, на прес-конференција изјави дека ги има само информациите што се објавени во медиумите и повика да не се политизира случајот, туку да се третира од безбедносен, правен и професионален аспект.