ЦУК: Заглавените гости од хотелот „Радика“ во Маврово се извлечени со помош на специјално возило

Оттаму посочија дека екипите на Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта во текот на денот вршеле сечење на паднатите дрвја на делницата до хотелот

Гости од хотелот „Радика“ во Маврово, што денеска беа заглавени поради обилните врнежи од снег и непроодниот пат, вечерва се извлечени со помош на специјално возило на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, што вози пред нив и им го расчистува патот, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Се расчистува патот во Маврово / Фото: МИА

„Од последниот контакт во 20 часот со дежурниот во ПС Маврово добиена е информација дека возило на ЈП за одржување на магистралните и регионалните патишта вози напред, а по него се гостите од хотелот со своите возила. Возат бавно, но ќе успеат да стигнат до конечните дестинации“,

се вели во соопштението од ЦУК.

Оттаму посочија дека екипите на Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта во текот на денот вршеле сечење на паднатите дрвја на делницата до хотелот.

На терен имало и машина за чистење снег, која ги расчистувала снежните наноси на овој потег.

Според ЦУК, висината на снежната покривка на овој дел е околу 80 сантиметри.

Поради обилните врнежи од снег, денеска критично беше во Мавровскиот Регион, каде имаше неколку дојави за заглавени граѓани.

Од ЦУК информираат дека поради вчерашните и денешните врнежи од дожд, состојбата во поголемиот дел од Северозападниот Регион е стабилна и сообраќајот се одвива нормално, а снабдувањето со електрична енергија е редовно.

- Реклама -