„Црвено-жолтите“ ќе одиграат контролен натпревар против Саудиска Арабија

Македонската фудбалска репрезентација ќе одигра пријателски натпревар против Саудиска Арабија на 4. септември, во рамките на официјалниот ФИФА термин. Дуелот е закажан на стадионот „Викторија“ во Прага, Чешка, со почеток во 17:00 часот.

Овој натпревар ќе биде значаен тест за нашите фудбалери, како и за селекторот Благоја Милевски, кој ќе има можност да ја процени формата на играчите пред продолжението на квалификациите за Светското првенство 2026. Само три дена потоа, на 7 септември, „црвено-жолтите“ ќе се соочат со Лихтенштајн на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Ова ќе биде трето меѓусебно соочување помеѓу двете репрезентации. Првиот меч се одигра на 1. август 2001 година во Ријад и заврши без победник (1:1). Вториот дуел имаше место на 22. октомври 2022 година во Абу Даби, кога Саудиска Арабија излези како победник со 1:0. На тој натпревар, македонскиот состав го формираа играчи од домашниот шампионат.