ЦЈЗ Тетово објави епидемија во Гостивар.

Епидемија на гастроентеритис во Гостивар

„Поради зголемен број на заболени од гастроентеритис и надминување на неделниот лимит, Центарот за јавно здравје Тетово, преку Одделението за епидемиологија Гостивар, објави епидемија во општина Гостивар“, изјави доктор Зорица Зафироска, епидемиолог.

Таа посочи дека во последните денови има значително зголемување на бројот на новозаболени. Во текот на последните 24 часа, според податоците од Општата болница Гостивар, на инфективното одделение се јавиле 204 пациенти, од кои тројца се хоспитализирани. На педијатриското одделение се регистрирани 140 пациенти, при што 105 од нив се нови случаи, а 35 се контролни прегледи. На Ургентниот центар, пак, 9 лица побарале медицинска помош.

Зафироска нагласи дека причина за зголемувањето на заболените сè уште не е утврдена, а анализите за испитување на ситуацијата се во тек.

„Уште не ја знаеме вистинската причина за заразата и изворот на инфекцијата. Испитувањата се во тек и чекаме резултати. Постојано ја следиме состојбата, спроведуваме епидемиолошки истражувања и анкетирање на заболените. Веќе ќе бидете информирани за новите информации“, изјави Зафировска.

Во однос на хипотезата дека водата од градскиот водовод можеби е загадена намерно, Основното јавно обвинителство во Гостивар работи на овој случај. Тие наведуваат дека се во континуирана координација со Институтот за јавно здравје, каде согласно наредбите на јавниот обвинител се вршат анализи и испитувања на квалитетот на водата во водоводот на Гостивар.

Според најавите, резултатите од анализите ќе бидат готови утре и ќе бидат доставени до надлежното обвинителство, по што ќе се донесе одлука за понатамошниот правен тек. Јавноста ќе биде редовно информирана. Во исто време, по наредба на јавниот обвинител, локацијата во Вруток продолжува да биде обезбедена.