Ципрас му одговори на Рама: Не ја мешајте заштитата на малцинствата со национализмот

Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас му возврати на албанскиот премиер Еди Рама, откако Рама го обвини за национализам поради критиките за третманот на грчкото малцинство во Албанија. Спорот настана по повредувањето на еден припадник на грчкото етничко малцинство за време на протест во јужна Албанија. Ципрас побара од албанските власти да ги заштитат правата на грчката заедница, на што Рама острано реагираше преку социјалните мрежи.

Во својата објава на платформата Икс, Рама истакна дека Ципрас демонстрирал „рефлекси од минатото“ и се обидува да добие политички поени преку избрзани заклучоци за соседите и нивните суверени институции. Ципрас, пак, одговори дека изјавите на Рама се направени „во жарот на моментот“ и потсети на Преспанскиот договор како показател за неговата посветеност на решавање на чувствителни национални прашања преку дијалог.

„Нашите напори и борби за промоција на мирот и соработката во регионот, вклучувајќи го и Преспанскиот договор, не оставаат простор некој јавно да ми држи лекции за тоа што значи национализам или што претставува левицата во 21 век“, порача Ципрас. Тој додаде дека патриотската должност за заштита на правата на националните малцинства не треба да се меша со националистичките тенденции, кои, според него, повторно добиваат поддршка во светот.

Прочитајте и:  ИОК ја укина суспензијата за руските спортисти

Инцидентот што ја предизвика расправијата се случил во областа Звернец во јужна Албанија, каде граѓаните протестирале против изградба на голем туристички комплекс во еколошки чувствителна зона. Проектот се поврзува со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Рама ја обвинил приватната агенција за обезбедување за насилството врз демонстрантите и повредата на еден од учесниците, но истовремено силно го бранел проектот вреден четири милијарди евра, оценувајќи дека ќе донесе туристи со висока платежна моќ и нови работни места за локалното население.