По завршувањето на една од најнеуспешните сезони во историјата на клубот, навивачката група Чкембари изрази јавно незадоволство и побара одговорност од сите оние кои, според нив, придонеле за лошите резултати на ФК Пелистер. Во објава на социјалните мрежи, тие истакнаа дека изминатиот период бил обележан со разочарување, дебати и меѓусебни несогласувања околу причините за неуспехот. Сепак, како навивачи, продолжиле да го поддржуваат клубот со надеж дека сезоната ќе заврши позитивно.
Чкембари инсистираат на целосна транспарентност во работењето на клубот и јавно бараат објавување на сите договори со лица кои не се фудбалери, како и информации за сумите што им биле исплаќани и нивните конкретни улоги во клубот. “Да ги разрешиме сите прашања и обвинувања во јавноста, да престанат потоа разговорите без основа. Одважете се и споделете ги информациите”, велат навивачите.
Во ниедноа реакција не е заборавена одговорноста за трансферите на играчите во текот на сезоната. Чкембари оценуваат дека токму селекцијата на тимот е главна причина за неуспехот и лошата игра на екипата. Заедно со тоа, тие поставуваат прашања за улогата на поединци при донесувањето одлуки во клубот, нагласувајќи дека одговорноста не смее да остане неказнета.
“Виновниците за оваа ситуација имаат име и презиме. Овој неуспех не се случи случајно. Сите вие кои го доведовте клубот до ова ниво, треба да носите одговорност”, стои во порака на Чкембари. Оваа реакција доаѓа во момент кога во Битола се очекуваат детали и анализи за причините кои доведоа до една од најтешките сезони за Пелистер, што дополнително ја зголемува фрустрацијата кај навивачите и спортската јавност.




