Четири ленти, нови тротоари и заштитно зеленило – започнува проектот за „Македонско-косовска бригада“

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека започнува реализацијата на основниот проект за изградба на булеварот „Македонско-косовска бригада“. Овој дел од булеварот ќе се протега од раскрсницата со улицата „Џон Кенеди“ до раскрсницата со булеварот „Босна и Херцеговина“ и ќе има вкупна должина од 1,4 километри. Според Ѓорѓиевски, булеварот ќе представува важна сообраќајна артерија која ќе го подобри поврзувањето и проточноста во овој дел на градот.

Проектот предвидува четири коловозни ленти, по две во секоја насока, дополнети со средишно зеленило, велосипедски патеки во двете насоки и нови тротоари со ширина од два метра. Планирано е и поставување заштитно зеленило од двете страни на булеварот, како и проширување на просторот кај автобуските станици, за да се зголеми безбедноста на патниците и да се подобри јавниот превоз.

Прочитајте и:  Трамп објави за затворање на Орумскиот теснец

„Скопјани заслужуваат современа, безбедна и функционална инфраструктура. Секоја инвестиција треба да се одразува на подобрување на квалитетот на животот, поголема безбедност и почиста урбана средина“, изјави Ѓорѓиевски. Тој додаде дека проектот ќе создаде нов, позелен и поорганизиран урбан простор.

Градоначалникот најави дека со подобрувањето на временските услови напролет, ќе започне динамичната реализација на инфраструктурни проекти низ Скопје, со цел да се овозможи рамномерен развој во сите општини.