Червар официјално во Пелистер: Се вратив во мојата втора татковина, во Битола ќе ја заокружам својата тренерска кариера.

Со порака дека Битола е град во кој ракометот се доживува како религија, новиот тренер на Еурофарм Пелистер, Лино Червар, денес официјално го започна своето ново поглавје во македонскиот ракомет. Искусниот хрватски стратег, кој склучи тригодишен договор со клубот од Битола, нагласи дека враќањето во Македонија по осум години му претставува посебна чест. Тој откри дека во Битола планира да ја заврши својата богата тренерска кариера.

Червар најави напорна работа и силна борба во домашниот шампионат, истакнувајќи ја важноста на соработката и ривалството помеѓу македонските клубови. „Чест ми е да работам во Битола. Ова е град со огромна ракометна традиција. По осум години, се враќам во својата втора татковина и тука ќе биде крајот на мојата кариера, а тоа е најубаво во градот каде ракометот е религија. Да се работи она што го сакаш е најголемата среќа за човекот. Видов дека постои желба кај луѓето од Битола да дојдам и го прифатив тоа“, изјави Червар.

Прочитајте и:  Мбапе се огласи по повредата против Мароко: „Се чувствувам добро“

Тој се соочува со тешка задача, свесен за големата конкуренција, но остава надеж за позитивен развој. „Мораме да ги пофалиме нашите конкуренти. Вардар се разбуди и се движи со крупни чекори, а Охрид освои европска титула. За нас е важно да бидеме пријатели и да соработуваме, но и да се натпреваруваме. Македонија е мала земја, треба да бидеме единствени“, заклучи Червар.