Првиот чартер-лет со 180 германски туристи, организиран од авиокомпанијата „Фрибрд Ерлајнс“, денеска пристигна на скопскиот аеродром, каде што патниците беа пречекани од вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, како и претставници од менаџментот на ТАВ и директорот на германскиот тур-оператор RSD Reisen, Хорст Живковиц.
Со ова се означува почетокот на редовните чартер-летови, кои ќе се одвиваат секојдневно, почнувајќи од денеска до почетокот на јуни, а потоа повторно од октомври до средината на декември. Се очекува овие организирани летови да донесат околу 35.000 туристи во земјата, што ќе даде значаен придонес во туристичкиот сектор.
„Најважно е да се истакне дека со заедничките напори на Владата, тур-операторите и со поддршката на ТАВ Македонија и двата аеродроми – скопскиот и охридскиот – успеваме да привлечеме туристи и надвор од класичната летна и зимска сезона. Во периодите меѓу февруари и мај, како и меѓу октомври и декември, само оваа година очекуваме да пристигнат 35.000 туристи“, изјави Николоски, додавајќи дека очекува оваа бројка да расте во наредните години.
Истовремено, туристичкиот сектор во земјата забележува позитивни трендови, а според последните податоци бројот на странски туристи во првите месеци од годината е во пораст. Македонските туристички локации, особено Охрид и Скопје, привлекуваат сè поголемо внимание од странските тур-оператори, што се гледа и во растечкиот број на договорени чартер-летови.




