Следната недела ќе се знае дали ќе има ограничување на маржите за основните прехранбени производи, хигиенските средства и бебешката храна. Денеска, трговците и дистрибутерите одржаа состанок во Министерството за економија, каде што ги презентираа своите предлози, кои дополнително ќе бидат разгледани.
– Трговците и дистрибутерите изнесоа свои предлози и коментари, кои Министерството за економија и труд ќе ги анализира во наредните денови. Договорено е конечната одлука да биде донесена во текот на следната недела, соопштија од Министерството.
На состанокот учествуваа министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, заменик-министерот Марјан Ристески, директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски и претставници од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
По растот на цените на храната и двата граѓански бојкота, Владата на седница во вторникот го задолжи Министерството за економија да изготви Предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти во трговијата на големо и мало за дел од основните прехранбени производи, хигиенските средства и бебешката храна.
Со оваа Предлог-одлука требаше да бидат опфатени 73 групи производи, истите што беа дел од претходните кошници, но и детергентите, бебешката храна и други непрехранбени артикли со значително високи маржи, а кои спаѓаат во секојдневните потреби на граѓаните.
Оваа иницијатива се заснова на шестмесечниот извештај на Државниот пазарен инспекторат, според кој маржите кај малопродажбата достигнувале над 20 отсто за основните прехранбени производи и над 30 отсто за хигиенските средства. Дополнително, кај увозниците и дистрибутерите биле евидентирани уште повисоки маржи, достигнувајќи дури и 50 отсто.