Царинската управа ја зголеми наплатата од увоз на тутун за 11 милиони евра во текот на годината.

Со зголемената наплата, истовремено се зајакнаа и контролите за спречување на нелегалната трговија.

„Во текот на овој период, во осум инциденти запленети се повеќе од еден милион парчиња цигари и 225,6 килограми тутунски производи – сечкан тутун, тутун за наргиле и никотински ќесички. Во четири случаи спроведена е предистражна кривична постапка од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, при што се поднесени кривични пријави против четири физички и едно правно лице“, се навела информацијата во соопштението.

Од Царинската управа нагласуваат дека овие акции имаат за цел заштита на државниот буџет, како и можноста за здравје на граѓаните.

„Нашата улога не е само да спроведуваме контроли, туку да заштитиме, да спречиме и да покажеме дека законите важат подеднакво за сите. Компаниите што делуваат согласно законите мора да имаат сигурност и предвидливост. Наша обврска е да создадеме услови во кои чесното работење ќе биде предност, а за нелојалната конкуренција нема место. На тој начин, се гради здрава економија и се отвораат нови бизнис-можности. Тоа е наша одговорност, но не само наша, туку и обврска на секој учесник во поединечната царинска постапка. Транспортерот, увозникот, царинскиот застапник, патникот… За секој од нив важат овие зборови, бидејќи тие носат одговорност и треба да се однесуваат законски, а не селективно и според лични потреби и убедувања. Само согласно законот. И само така ќе можеме да зборуваме за систем. Сè друго би било само импровизација. Наша амбиција како Управа е да достигнеме фаза кога не реагираме на веќе настанати проблеми, туку ги предвидуваме и избегнуваме пред да се случат“, изјави директорот, Бобан Николовски, по повод 34-годишнината од основањето на Царинската управа.