Бугарија најави изградба на заеднички тунел и ќе инвестира 1,5 милијарди евра во Коридорот 8.
Досега, Бугарија инсистираше дека ние треба први да го започнеме и завршиме нашиот дел од тунелот на граничната линија, без никакви гаранции дека нивната работа ќе биде завршена. Ова создаде значајни несогласувања. Исто така, до сега не беа објавени конкретни структури за нивната инвестиција, што создаваше впечаток дека проектот беше “заборавен” од страна на официјалната Софија. Со бројката од 1,5 милијарди, ставот на Бугарија се менува.
На денешната средба, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски со својот бугарски колега Гроздан Караџов, согласија дека заедничкиот тунел е неопходен. Тие истакнаа важноста на изградбата и модернизацијата на европските транспортни коридори, особено на Коридор 8, како клучен услов за регионален економски развој и подобрување на транспортот и трговијата. Идејата стана реалност и двете држави ќе потпишат заеднички договор, кој ќе служи како основа за изградба на тунелот што ќе ги поврзе македонската и бугарската железничка мрежа.
Двете страни потенцираа дека железничкото поврзување има значајна регионална димензија, особено во контекст на стратегиското позиционирање на НАТО Алијансата преку поврзување на Јадранското и Црното море. Тие се договорија за нова средба во блиска иднина за заеднички да го усогласат текстот на Договорот, со цел да се започне со реализацијата на тунелот кој ќе ги поврзе Македонија и Бугарија, што ќе доведе до напредок во проектот за железничкиот Коридор 8.
Познавачите коментираат дека досега Коридорот 8 беше заложник на политичките односи со источниот сосед, кој ја мешаше дневната политика со проектот и не признаваше дека се работи за инженерски, а не политички проблем.
Останува да видиме дали работите во Коридорот 8 навистина се расчистуваат, бидејќи е неопходно да се потврди дали заложбите ќе бидат реализирани од бугарска страна. Македонската страна е значително понапред во градежните активности, што не може да се сокрие и инфраструктурните проекти се видливи од далеку…




