Во нападот на произраелски митинг во Колорадо, бројот на повредени лица се искачи од осум на дванаесет, откако беа идентификувани уште четири жртви, соопштија локалните власти. Дополнителните жртви претрпеле полесни повреди, поради што не беа вклучени во првичните извештаи, а две од нив се уште се на лекување во болница.
Нападот се случи во градот Болдер, каде демонстрантите се собирале за да ја зголемат свеста за израелските заложници кои се во рацете на палестинската милитантна група Хамас во Појасот Газа. Меѓу повредените имало и лица постари од 80 години.
Белата куќа оценува дека нападот е “неприфатлив” и нагласува дека тоа е делумно резултат на имиграциската политика на поранешниот претседател. Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, во изјава за медиумите потврди дека овој инцидент, заедно со недавните убиства на двајца вработени во израелската амбасада во Вашингтон, поединечно представуваат неприфатливи акти според ставот на актуелниот претседател.
Според официјални извори, осомничениот напаѓач, 45-годишниот Мохамед Солиман, имал истечена виза и побарал азил во Соединетите Држави. Нападот се случил во популарниот трговски центар “Перл Стрит”, за време на настанот “Трчај за нивните животи,” кој бил организиран за да се привлече внимание на заложниците по нападот од страна на Хамас во 2023 година.
Според сведоци, осомничениот користел импровизиран фрлач на пламен и фрлил запаллива направа во толпата, при што извикувал “Слободна Палестина”, изјави специјалниот агент на ФБИ, Марк Михалек, на прес-конференција. Полицијата открила уште 16 неискористени молотови коктели по нападот.
Мохамед Солиман е обвинет за напад, а исто така се соочува со федерално обвинение за злосторство од омраза, покрај обвиненијата за обид за убиство на државно ниво, согласно информациите од Министерството за правда.




