Тројца членови на британската Кралска морнарица изгубија живот во несреќен инцидент со воен хеликоптер за време на воена вежба во округот Девон, кој се наоѓа на југозападот на Англија. Инцидентот се случи рано утринава во близина на Окехемптон, кога хеликоптерот од типот „Мерлин Мк4“ се урнал, по што веднаш беше прогласена голема вонредна состојба.
Кралската морнарица потврди за трагичната загуба, истакнувајќи дека семејствата на загинатите лица се информирани и побарале приватност во овој тежок момент. Британскиот премиер Кир Стармер ја опиша несреќата како „апсолутна трагедија“, изразувајќи длабоко сочувство до семејствата и блиските на жртвите.
Командантот на морнарицата, генерал Сер Гвин Џенкинс, изрази шок и тагување во името на целата поморска заедница. Тој истакна дека инцидентот се случил со хеликоптерот „Мерлин Мк4“, кој е стациониран во воздухопловната база Јеовилтон во Сомерсет.
Сведоците забележале звуци пред падот што укажувале на можен механички проблем. Остатоците од хеликоптерот биле пронајдени на поле во непосредна близина на местото на несреќата. Хеликоптерите „Мерлин Мк4“ се во служба на Кралските маринци од 1999 година, а ова не е првпат овој тип летало да биде инволвирано во несреќа. Во 2024 година, еден „Мерлин Мк4“ се урна во Ла Манш за време на воена вежба, при што загина пилотот.
Во меѓувреме, полицијата, воздухопловните власти и Кралската морнарица започнаа истрага за да ги утврдат причините за несреќата, додека дел од локалните патишта во регионот привремено беа затворени.




