Браќата Маркез со успешно завршен настап во Аргентина

Браќата Маркез го доминираа натпреварот за Големата награда на Аргентина. Идентично како и на премиерата на сезоната, првиот беше Марк, со неговиот брат Алекс зад него. На третото скалило на пиедесталот заврши возачот од тимот ВР46, Франко Морбидели. Марк Маркез, осумкратен светски шампион и актуелен возач на Дукати, ја прослави 90-тата победа во неговата кариера, со што се израмни на вечната листа со сонародникот Анхел Нието. Подобри од нив се само Џакомо Агостини и Валентино Роси, со 122 и 115 победи, соодветно. За разлика од трката во Бурирам, каде што Маркез покажа беспрекорност, овој пат постарот брат не беше безгрешен, но покажа одлична форма. Тој го презеде водството пред неговиот брат Алекс и Бањаја, кој пак, беше следен од Жоан Зарко на ЛЦР Хонда. Шпанските возачи брзо се одвоија од другите конкуренти, а во четвртиот круг, помладиот Алекс (Гресини Дукати) ја презеде водечката позиција од својот брат. Постарот Маркез постојано бараше можност да го претекне брат му, што на моменти го доведе до работ на пад, но својот прв сериозен напад го направи во 18-от круг. Алекс веднаш возврати, применувајќи стратегија за да ги спречи следните напади, но на пет круга пред крајот, сепак, се предаде. Морбидели заврши три секунди зад Алекс, освоувајќи подиум за првпат од трката во Херез во 2021 година, а зад него следеа Багнаја, тимскиот колега Фабио ди Џанантонио, Зарко, и Бред Биндер од КТМ Рејсинг. Аи Огура од Трекхаус стигна до осмото место, иако почна од 15. позиција, додека Педро Акоста и Џоан Мир ги заокружија топ 10-те. Марк Маркез го задржа лидерското место во генералниот пласман со 74 бода, Алекс е втор со 58, а по нив е Бањаја со 43. Мото ГП шампионатот продолжува со трката за Големата награда на Америка во Остин од 28-30 март.