Екипата на Болоња ја круниса успешната сезона со трофеј, затоа што дојде до одличје во финалето на Копа Италија. Тимот славеше над славниот Милан, кого во финалниот меч на „Олимпико“ го совлада со минимални 1-0.
Болоња се бори за Лигата на шампионите, за тоа ќе биде пеколно тешко затоа што до крајот има уште две кола и конкуренцијата е голема и близу, па како сатисфакција може да дојде овој трофеј кој се чекаше повеќе од пет децении. Поточно, 51 година, последен пат Болоња славеше во финалето во 1974 против Палермо.
Што се однесува до мечот во Рим, финалето не беше содржајно. Во првиот дел двата тима имаа по една сериозна шанса, за Милан во една акција двапати се обиде Лука Јовиќ, но не погоди, додека на спротивната страна, Орсолини имаше можност, ама не ја искористи.
Спорен момент во првиот дел беше ВАР-проверката за црвен картон на Рафаел Леао. За среќа на Милан, Португалецот мина само со жолт картон, а Болоња беше фрустрирана. Само што почна вториот дел, Болоња дојде до предност. Стрелец за значајниот трофеј беше Дан Ндоје, во 53. минута. Отттогаш немаше сериозни шанси, Италијано водеше тактичка битка со Консеисао, која на крајот ја доби.
За Болоња ова беше трет трофеј во Купот на Италија, а Милан ја завршува сезоната со една титула, тоа е во Суперкупот. Голема е опасноста Милан да остане без европски фудбал по крајот на оваа сезона.