Косовските пратеници денеска ќе се обидат по 50-ти пат да го конституираат парламентот, избирајќи го неговото раководство, неколку дена пред истекот на рокот определен од Уставниот суд – 26 јули.
Парламентот е во блокада веќе три месеци, бидејќи опозицијата одбива да поддржи кандидатката на Самоопределување за претседателка на Собранието, Аљбуљена Хаџиу. Таа не успева да добие доволна поддршка во јавните гласања.
Самоопределување од почетокот на мај бара гласањето да биде тајно, што опозицијата го одбива, тврдејќи дека тајното гласање не е дозволено при конститутивна седница.
Кабинетот на косовската претседателка најави можноста таа да се обрати до Уставниот суд поради блокадата, бидејќи претходната одлука на судот, донесена на крајот на мај, се толкува различно од различните партии.
Не е познато дали разговорите меѓу лидерот на Самоопределување, Албин Курти, и лидерот на Нисма, Фатмир Љимај, довеле до напредок, бидејќи викендов немаше официјални информации од нивниот состанок. Партијата на Љимај би можела да помогне Хаџиу да добие 61 глас „за“, но пречка е тоа што и самиот Љимај сака да биде претседател на парламентот.



