Битолскиот театар и Бабец театарот ја воодушевија публиката во Шведска.

Тимот на Битолскиот театар со претставата „Ако останеш дома“ инспирирана од дела на Карој Сакони и Бабец театарот со „На гости кај Кате и Фреда“, базирана на творбата на Ингеборг Фон Задов, под режија на Јован Ристовски, успешно ги презентираа своите дела во Трелеборг, Шведска, по покана на македонско-шведското друштво Пелистер. Публиката, исполнета со емоции, аплаудираше долготрајно за двете претстави, што беше доказ за нивниот успех.

„Ви благодариме, Васко и Јуле, за спектакуларната глума и емоциите кои ги оставивте на нас. Ви благодариме и вам, драги наши гости и љубители на театарот, што покажавте дека со присуството на еден единствен посетител вреди да се изведе претставата. Со купените билети, публиката го поддржува функционирањето на „Македонска Библиотека Трелеборг“ и помага во развојот на македонската заедница во Шведска“, нагласуваат организаторите.

„Ако останеш дома“ е драма во еден чин, а главните улоги ги толкуваат Јулијана Мирчевска и Васко Мавровски. Приказната слика секојдневие што ќе го препознаат многу млади брачни парови. Режисерот се водел од секојдневието на обичните луѓе како инспирација. Сценографијата е дело на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а продукцијата е реализирана од сопствени средства на Битолскиот Народен театар.

Драмскиот текст „На гости кај Кате и Фреда“ се смета за едно од најдобрите современи германски дела за деца, наменет за возраст од 5 години па нагоре. Оваа драма е важна поради темите на промени, инклузија, прифаќање и неприфаќање на различностите, како и емпатијата.
„Глумците – неверојатни, публиката уште повозбудена. Многу смеа и радост кај најмалите. Нека ни се множат ваквите настани и насмевките кај децата, драги Македонци“, додаваат организаторите.
Во оваа претстава играат: Јулијана Мирчевска, Катарина Аневска Дранговска и Марија Стефановска. За сценографијата и костимите се погрижи Јован Ристовски, а дизајнот на светло е дело на Игор Мицевски. Премиерата на претставата беше реализирана во рамките на ИДТФ Битолино, по повод 14-от роденден на Бабец театарот.