Во животот на Бил Гејтс – првиот човек на Микрософт нема многу хартија. Како замена, тој користи најразлични дигитални алатки. Во продолжение следи натпис каде компјутерскиот гигант говори за неговиот интересен начин на работа.

Ако ја погледнете оваа канцеларија, ќе видите дека во неа нема многу хартија. На моето биро имам 3 монитори, синхронизирани да формираат единствен десктоп, каде можам да пренесувам фајлови од еден на друг. Кога имате толкав визуелен простор, никогаш нема да се вратите на обичните монитори затоа што тоа директно влијае на продуктивноста. На мониторот лево ја имам мојата листа на мејлови. На централниот е обично специфичниот мејл што го читам во моментот и на кој одговарам. Мојот интернет пребарувач е на десната страна. Ова поставување ми дава можност да имам увид на се ново што доаѓа додека работам и да отворам сајт кој е во врска со мејлот.

Да останете фокусирани е единственото правило при информациското пренатрупување. Но, тоа не значи дека ја имате вистинската информација или пак сте во контакт со вистинските луѓе. Со ова се справувам користејќи SharePoint, алатка која креира веб страни при соработка на одредени проекти. Овие страни содржат планови, распореди, форуми и останати информации, и тие можат да бидат создадени од секого во компанијата со само неколку кликови.
Моментално, се спремам за Think Week. Во Мај, ќе одам на викенд и ќе прочитам преку 100 или повеќе проекти од вработените во Микрософт кои се во врска со компанијата и нејзината технолошка иднина. Ова го правам веќе 12 години. Порано, тоа беше процес на работа со многу хартија во кој јас бев единствениот кој читаше и коментираше. Денес, целиот процес е дигитализиран и отворен за целата компанија. Сега сум далеку поефикасен во изборот на вистинските проекти и можам електронски да додадам коментар кој што секој може да го прочита во истиот момент.
Микрософт има преку 50,000 вработени, па кога мислам на пример „Еј, што ќе кажете за идината на онлајн плаќањето?“ или пак „Кој е најдобриот начин да ги зачувате вашите слики и спомени?“ тоа го пишувам. Тогаш вработените гледаат и би ми напишале „Не, не си во право“ или „Дали знаеше дека има компанија која се занимава со вакви работи?“

Хартијата не е веќе голем дел од мојот живот. 90% од вестите ги дознавам онлајн, па кога одам на состанок го носам со себе и мојот Tablet PC, кој е комплетно синхронизиран со комјутерот во мојата канцеларија. Имам и софтвер за забелешки наречен OneNote, така да сите мои идеи и потсетници се во дигитална форма. Единствената работа во канцеларијата која е технолошки едноставна е таблата. Имам неколку маркери во боја, па кога ќе сакам да прикажам нешто – тоа е наједноставниот и најлесен начин. Сепак, таблите во Микрософт имаат и можност да го зачуваат цртежот и да го пратат до останатите компјутери. Најверојатно ќе земам една таква следната година. Засега, моето Tablet PC донекаде ја заменува таа функција.
Деновите ми се преполни со состаноци. Навечер кога доаѓам дома, ги легнувам децата и проверувам ако евентуално сум пропуштил одреден мејл. Ако целата недела била напорна, промислените и долги мејлови ги праќам во викендите. Така, кога луѓето доаѓаат во понеделник наутро, ќе видат дека сум бил прилично зафатен – имаат полно сандаче со пораки.