Прелиминарните резултати од обдукцијата врз телата на мајката и синот, кои според сомнежите на полицијата во БиХ ги убил сопругот и татко на детето, потврдиле дека двајцата биле усмртени со давење. Во меѓувреме, полицијата и понатаму трага по осомничениот, кој сè уште е во бегство.
Телата на Инела Селимовиќ (37) и нејзиниот 13-годишен син беа пронајдени во средата вечерта, откако полицијата упаднала во нивниот стан во Калесија по дојава од загрижени членови на семејството и пријатели. Тие алармирале откако мајката и синот не одговарале на телефонските повици подолг временски период.
Обдукцијата покажала дека убиствата биле извршени во средата утрото. Според портпаролот на обвинителството во Тузла,Адмир Арнаутовиќ,причина за смртта на жената и детето е давење,а дополнително кај Инела биле откриени и две повреди на главата.
Полицијата трага по Емир Селимовиќ (38), единствениот осомничен за убиствата. Се верува дека мотивот за злосторството е бракоразводната постапка која била во тек.
Во текот на истрагата, полицијата го пронашла автомобилот со кој осомничениот се оддалечил од местото на злосторството. Возилото било лоцирано во близина на Бања Лука, но од Селимовиќ сè уште нема трага. Потрагата сега е концентрирана околу езерото Дренова кај Прњавор, каде што постои можност тој да се самоубил.Нуркачки тимови веќе се на терен во обид да го пронајдат неговото тело.
Овој случај ги потресе граѓаните на БиХ, а реакциите во јавноста се бројни, особено во однос на семејното насилство и институционалната заштита на жртвите. Властите апелираат дека е неопходна поголема превентива за спречување на вакви трагедии.




