Бесплатни проекции на регионални филмови од фестивалската мрежа на Јадранскиот Регион – Вечер …1963

Зимското издание на фестивалската мрежа на Јадранскиот Регион ќе се одржи од денес, 22 јануари, до 5 февруари. За време на овие денови, публиката во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Македонија ќе има можност бесплатно да гледа одбрани наградени регионални филмови, и тоа и во кино салите и онлајн. Во понудата се вклучени шест филма: „Семејна терапија“ од Соња Просенц, „Fiume o morte!“ од Игор Безиновиќ, „After the Summer“ од Данис Тановиќ, „Мајка Мара“ од Мирјана Карановиќ, „Живи и здрави“ од Иван Мариновиќ и „Планета 7693“ од Гојко Бекуљан. Програмата започнува со бесплатни проекции во Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Херцег Нови и во Скопје, а сите филмови ќе бидат достапни онлајн од 23 јануари на платформата за филмови.

Проекцијата на филмот „Мајка Мара“, во режија на Мирјана Карановиќ, ќе се одржи во киното „Синеплекс“ вечерва, со почеток во 19:00 часот. На настанот ќе присуствуваат редителката и главната актерка Мирјана Карановиќ, актерот Вучиќ Перовиќ, кој ја толкува главната машка улога, како и кинематограферот Игор Маровиќ.

Филмот „Мајка Мара“ раскажува приказна за успешна бизнисменка и самохрана мајка, која по прераната смрт на својот син се чувствува емотивно отуѓена и одбива да комуницира со своето семејство и пријатели. Сепак, запознавајќи го најдобриот пријател на својот покоен син, Милан (игран од Вучиќ Перовиќ), таа започнува да наоѓа утеха и мир во нивниот однос. Заедно, тие откриваат нови детали за животот и смртта на Немања, што ѝ помага на Мара да се соочи со своите чувства и живот.

Зимското издание е резултат на соработка меѓу Белградскиот филмски фестивал, Сараевскиот филмски фестивал, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Загрепскиот филмски фестивал, филмскиот фестивал „Херцег Нови“ и фестивалот „Браќа Манаки“. Програмата се реализира со поддршка од потпрограмата МЕДИА во рамките на „Креативна Европа“.