„Нема поважна задача од тоа да се посветиме на младите, да им помогнеме со нивното ментално здравје, да ги заштитиме и да им овозможиме чувство на сигурност и припаѓање. Денес, младите често носат невидливи бремена – притисоци, стравови и несигурности, со кои се соочуваат во училиште, дома и во општеството. Често им е потребен само еден отворен разговор, некој што ќе ги сослуша, и место каде ќе се почувствуваат целосно разбрани. Затоа, започнуваме нов проект за бесплатна психолошка поддршка на средношколци од 15 до 19 години во Скопје“, изјави градоначалникот.
Проектот ќе обхвати две клучни активности: психолошко советување, кое вклучува бесплатни индивидуални сесии за емоционална поддршка, разговор и стручна помош за младите во Козле, Аеродром и Центар; и едукативни работилници за родители и професионалци од 23 средни училишта, со акцент на превенцијата на насилството, справувањето со зависности и унапредувањето на менталното здравје кај младите.
За дополнителни информации и закажување: +389 75 422 781. Носители на проектот се Асоцијација „Гаспар“ и „Лумен“.



