Tribute Bijelo Dugme“ со нова песна „Сувенир из Сарајева

Македонскиот трибјут бенд „Бело Копче – Tribute Bijelo Dugme”, под водство на познатите музичари Стевче Грозданов – гитара и вокалистот Зоран Рудан – Цеки, приреди вистинска музичка сензација во четвртокот, 30 јануари 2025 година, во скопскиот музички бар „Интермецо“.

Групата, која досега со својот изглед, енергија и сценско присуство го доловува автентичниот дух на легендарниот рок бенд „Бијело Дугме“, сега направи уште еден чекор напред со промоцијата на своја оригинална музика.Големиот момент беше обележан со претставувањето на нивната прва авторска песна и спотот за неа – „Сувенир из Сарајева“. Оваа нова композиција, заедно со видео записот што ја следи, беше претставена пред македонската публика на настан кој го одбележа вечер исполнета со емоции и рокенрол.

Пред присутните гости, пријатели, музички колеги и медиумски претставници, познатиот македонски музички новинар и ТВ водител Антонио Димитриевски зборуваше за процесот на создавање на песната и нејзината важност за бендот. Композицијата е дело на реномираниот хит-мејкер Саша Драгиќ, текстот го напишал Владимир Митровиќ, а за аранжманот се погрижил Стевче Грозданов. Снимањето било реализирано во студиото „Целофан“ во Скопје, додека миксот и мастерингот се во рацете на Горан Гешовски.

Видеото, иако минималистичко, е впечатливо и одлично ја пренесува атмосферата на песната. Во него, покрај бендот, се појавува македонската актерка Катерина Шехтанска во улогата на фотограф на групата, а режисерот кој стои зад овој проект е AleXanDeR – уметничкиот псевдоним на Александар Ристовски Принц, познат македонски музичар и режисер на видеоспотови.

Како што беше објаснето за време на промоцијата, насловот на песната не е случаен, а изборот да биде испеана на јазик што го разбира поширокиот екс-Ју регион има своја јасна цел – бендот сака да допре до оние што израснале со оваа музика и да го освојува регионот. Веќе имаат потврдени настапи надвор од Македонија, меѓу кои и неодамнешниот во Сараево, во клубот „Слога“, место каде што своите први настапи ги имало токму „Бијело Дугме“.

Песната носи дух на старата сараевска школа од 70-тите и 80-тите години, време кога тој препознатлив звук беше главен белег на екс-Ју сцената. Со својата емоција,мелодија и изведба,„Сувенир из Сарајева“ делува како создадена токму во тој период,што само го потврдува автентичниот пристап на „Бело Копче“.

Изведбата во живо ја заокружи вечерта, а Зоран Рудан – Цеки, веќе познат по својот карактеристичен вокал, внесе целосна искреност и емоција во песната, додавајќи ѝ сопствен печат, покрај влијанијата од легендарните вокалисти Бебек, Тифа и Ален.

По промоцијата на видеото, бендот ја изведе новата песна во живо, а вечерта продолжи со динамична свирка што траеше над два часа. Со маестрални изведби на најголемите хитови на „Бијело Дугме“, публиката имаше можност да пропатува низ музичката историја и уште еднаш да ги почувствува магијата и енергијата на еден од најзначајните бендови на овие простори.

Настанот се претвори во вечера полна со музички носталгија, враќајќи ги присутните во времињата кога рокенролот беше повеќе од музика – беше начин на живот. Публиката ја напушти салата со насмевка на лицето, носејќи со себе еден незаборавен „сувенир во душата“ кој долго ќе остане во сеќавање.