Американските и британските сили извршија воздушни напади низ Јемен како одмазда за нападите врз бродовите што пловат по Црвеното Море
САД не сакаат војна со Јемен, но нема да се двоумат да преземат понатамошни чекори, соопшти денеска Белата куќа, додавајќи дека претседателот Џо Бајден ги одобрил американските напади како одговор на нападите со беспилотни летала на хутите врз бродови во Црвеното Море.
„Ние не сме заинтересирани за војна со Јемен. Не сме заинтересирани за конфликт од каков било вид овде. Сè што прави претседателот е да спречи каква било ескалација на конфликтот, вклучително и синоќешните напади“,
изјави портпаролот на Белата куќа Џон Кирби за новинарите.
Американските и британските сили извршија воздушни напади низ Јемен како одмазда за нападите врз бродовите што пловат по Црвеното Море.
Кирби рече дека Бајден ги одобрил нападите по нападот на хутите во вторникот. Американските и британските поморски сили го одбија нападот, соборувајќи беспилотни летала и ракети истрелани од јеменските милитанти поддржани од Иран кон јужниот дел на Црвеното Море.
Во меѓувреме хутите соопштија дека нема да запрат да ги напаѓаат бродовите во Црвеното Море кои пловат кон Израел или се поврзани со него.
Официјалните претставници на групата предупредија и порачаа дека САД и Велика Британија ќе платат висока цена за оваа агресија.
Нивниот портпарол Мохамед Абдулсалам рече дека нема никакво оправдување за агресијата од страна на САД и Велика Британија врз Јемен.
„Потврдуваме дека нема апсолутно никакво оправдување за оваа агресија против Јемен, бидејќи немаше закана за меѓународната пловидба во Црвеното и Арапското Море. Цел беа и ќе продолжат да бидат израелските бродови или на оние што се упатуваат кон пристаништата на окупирана Палестина“,
напиша тој во објавата на социјалната мрежа Икс.