Барселона поднесе нова жалба до УЕФА

Шпанскиот прволигаш Барселона поднесе нова жалба до УЕФА во однос на судењето за четвртфиналните двобои од Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид.

Клубот смета дека за време на двете средби беа направени неколку погрешни судиски одлуки, кои не соодветствуваа со Правилата на играта. Според Барселона, неправилната примена на правилата и недостаточната интервенција на ВАР технологијата во клучни моменти значително влијаеле на самиот тек на натпреварите и на конечниот исход, предизвикувајќи голема спортска и финансиска штета за клубот.

Барселона беше елиминирана од Атлетико Мадрид со резултати 0-2 и 2-1, при што каталонскиот тим имаше исклучен играч на секој од натпреварите. На првиот меч, одигран на Камп Ноу, Пау Кубарси мораше да го напушти теренот при резултат 0-0, додека пак на Метрополитано, Ерик Гарсија беше исклучен.

Прочитајте и:  Барселона разгледува можност за тужба против Флорентино Перез поради сериозни обвиненија.

„Со оваа жалба, клубот ги повторува претходните барања упатени до УЕФА, а истовремено нуди соработка со цел да се подобри судискиот систем и да се обезбеди построга, пофер и потранспарентна примена на Правилата на играта“, стои во соопштението на Барселона.