Министерството за здравство вечерва објави дека денеска медицинските тимови во здравствените институции целосно се посветени на обезбедување на соодветна медицинска грижа за пациентите кои претрпеа повреди во пожарот што се случи во дискотеката во Кочани. Воедно, се информира за пациентите кои се на лекување и во земјата и во странство. Во моментот, седумнаесет пациенти се згрижени во ГОБ „8 Септември“, 13 се на интензивна нега на КАРИЛ, 11 пациенти се сместени на Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“, додека по десет пациенти се на Клиниката за пластична хирургија и на Клиниката за токсикологија. Клиниките за Торакална и Детска хирургија згрижуваат по четири пациенти, а по двајца пациенти се лекуваат на Трауматологија, Пулмологија и во Општата болница Штип.
Според Министерството, од шесте пациенти во Австрија, пет се под интензивна нега и нивната состојба е стабилна, додека еден е преместен на интерно одделение. Во Литванија, четири лица се исто така под интензивно лекување и нивната состојба е стабилна. Петтемина пациенти кои беа испратени на лекување во Анкара, Турција, денес се во можност да дишат самостојно. Во Србија моментално се лекуваат 30 пациенти, и тие се под интензивно лекување, но во стабилна состојба. Во Бугарија, 14 пациенти се згрижени, од кои седум примаат интензивна нега, а останатите имаат помал процент на изгореници и дишат самостојно. Во Грција, осум пациенти се наоѓаат во стабилна состојба. Министерството за здравство изразува признание и благодарност за меѓународната поддршка која ја добива од започнувањето на оваа криза и најавува дека во текот на ноќта ќе се организира натамошен трансфер на пациенти до европските медицински центри.